Научен тим ги продолжува истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука кои почнаа минатата година. Локалитетот се наоѓа во северната половина на Пелагонија, меѓу селата Славеј и Врбјани, на територија на општина Кривогаштани.
Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека лани истражувањата дале одлични резултати за просторната организација на неолитската населба, како и за стопанството, општествениот живот и верувањата на првите земјоделци во овие краишта.
- Резултатите се публикувани во научно списание, со што се афирмираше фактот дека Врбјанска Чука била специфична неолитска населба и имала клучна улога во појавата и развитокот на земјоделството во овој дел од Македонија. Тоа го поттикна научниот тим да ги продолжи истражувањата и оваа година, со тоа што покрај стандардните археолошки ископувања, фокусирани на веќе откриените неолитски куќи и средновековните слоеви, паралелно ќе се вршат и археоботанички, зооархеолошки, ихтиолошки, антраколошки, геоархеолошки и паленолошки анализи, а ќе се изведе и датирање на населбата преку АМС методот, соопштија од Центарот.
Од продолжението на истражувањето тимот очекува да се добијат податоци за архитектурата и материјалната култура на неолитските земјоделски заедници и темелно да се реконструираат нивната исхрана, животинскиот свет и природната околина, како и времето во кое тие живееле.
Во истражувањата се вклучени стручњаци од повеќе научни области и земји. Проектот е меѓународна соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Институтот за старословенска култура, Заводот и музеј - Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс. Поддржан е од Швајцарската национална фондација за наука, Министерството за култура, Општина Кривогаштани, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс.
- Покрај темелните научни резултати, ваквата меѓународна соработка ќе овозможи и поширока презентација на предисториското културно наследство од Македонија. Како и минатата година, и овој пат добиените резултати ќе се публикуваат во неколку научни списанија и ќе се презентираат на повеќе конференции во Европа, соопшти Центарот за истражување на предисторијата.


