Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и Европеана објавија конкурс за фотографии #PicThisEurope на кој можат да учествуваат фотографи аматери и професионaлци.
Натпреварот #PicThisEurope е организиран со цел да го промовира културното наследство отсликано на старите разгледници и претставува продолжение на дигиталната изложба „Picture this! Vintage postcards of Southeastern Europe“ („Сликај го ова! Стари разгледници од Југоисточна Европа“) во која, со разгледници од Скопје од пред 1945, како дел од фондот на посебните збирки, учествуваше и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, заедно со националните библиотеки од Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
Оваа изложба, чиј координатор беше македонската национална библиотекa, го претстави крајниот резултат на проектот „Збирките од Југоисточна Европа во Европеана“ што имаше за цел да овозможи поголема достапност до културното наследство што се чува во европските национални библиотеки кои се членки на ЦЕНЛ, но чии земји не се членови на Европската Унија.
Организаторите на овој конкурс ги повикуваат сите љубители на фотографијата да учествуваат во натпреварот со свои фотографии што ќе прикажат како изгледаат денес објектите и знаменитостите што се претставени на разгледниците на постоечката изложба „Picture this! Vintage postcards of Southeastern Europe“ („Сликај го ова! Стари разгледници од Југоисточна Европа“) која може да се разгледа на следниов линк:
Фотографиите може да се испратат на социјалните мрежи на Европеана Facebook, Twitter или на Instagram користејќи го симболот #PicThisEurope, а учесниците може да добијат награда или нивните фотографии да бидат селектирани и прикажани на изложбата Европеана Збирки. Во пораката задолжително треба да се назначи која држава, место или културна знаменитост е прикажанa на фотографијата. Краен рок за испраќање на фотографиите е 31 август 2017 година.
Европеана е дигитална библиотека, музеј и архив каде се чува културно богатство од над 3000 институции од Европа.
Правилата за учество заинтересираните може да ги видат на следниот линк:

