Попоски ќе се претстави со цртежи во рамки на главната изложба на фестивалот под насловот “Политика”...
Македонскиот ликовен уметник Зоран Попоски од 8 јули изложува на 14-то издание на меѓународниот фестивал за современа уметност Арт Стејс во Птуј, Словенија, една од водечките платформи за претставување на современата светска уметност во Централна Европа.
Изложбата ќе се реализира на три ката од неодамна реновираниот Доминикански самостан во Птуј, и ќе вклучи дела на најзначајните имиња од современата критичка уметничка продукација, како Алора и Калзадија (преставници на САД на Венециското Биенале), Јанош Шугар, Маја Бајевиќ, Антони Мунтадас, Нам Џун Пајк...
Попоски ќе одржи и јавно предавање за својата уметност како социјална пракса на главниот плоштад во Птуј, на 10 јули 2016 со почеток во 18 часот.
Фестивалот ќе се одвива до 16 јули 2016 со повеќе од 30 настани на различни локации во Птуј, опфаќајќи над 100 светски уметници.
Изложбата ќе биде отворена до 5 септември 2016. Попоски е единствениот македонски уметник кој учествува на овој меѓународен уметнички фестивал.

